Хрватска ја доби првата „виртуелна електрана“. Хрватската технолошка компанија KOER ја активира првата виртуелна електрана во земјата, пренесуваат хрватските медиуми. Како што информираат од компанијата, улогата на виртуелната централа на пазарот е слична на Uber или Airbnb, дигитални платформи кои им даваат можност на сопствениците на возила или недвижности да заработат од својот имот.

„Виртуелната електрана се состои од агрегатор, со кој управуваат крајните корисници кои ставаат на располагање дел од својот капацитет за потрошувачка и производство на електрична енергија“, изјави директорот на КОЕР Марко Ласиќ.

Како што објаснува тој, партнери на виртуелната централа можат да станат сите производители или потрошувачи на електрична енергија, кои имаат т.н управувана потрошувачка или производство меѓу 100 киловати (kW) и неколку десетици мегавати (MW).

Како што објаснува Ласиќ, крајниот корисник мора да има можност по барање да ја намали потрошувачката во секое време.

Тој објаснува дека виртуелните електрани се мрежи во таканаречен cloud „облак“ мемории кои на корисниците им овозможуваат да ja продаваат вишокот на енергија.

Производителите како и потрошувачите можат да формираат групи или кластери во рамките на тој систем и да ги намалат трошоците. Енергетската транзиција, како што се наведува, им овозможи на производителите (оние кои се и потрошувачи и производители) да произведуваат, складираат и трошат електрична енергија.

Како резултат на тоа, балансирањето на достапната енергија станува комплексно.

Гледано од страна на електроенергетскиот систем, кога се на располагање производителите кои можат да ја намалат потрошувачката по барање, тоа е како на располагање да имате вистинска централа која би го покрила недостигот од струја, додаваат во КОЕР.

ХОПС  и КОЕР се договорија за активирање на виртуелната електрана

КОЕР потпиша договор за активирање на првата виртуелна електрана со Хрватскиот оператор на преносен систем (ХОПС), на која ќе му обезбеди услуга за намалување на потрошувачката.

Во КОЕР велат дека подоцна ќе ја воведат услугата за зголемување на потрошувачката, која ќе ја користат во ситуации кога производството неочекувано се зголемува, бидејќи и тогаш може да има нарушувања во електросистемот.

Виртуелните електрани имаат способност да управуваат со електрична енергија од географски дисперзирани извори, особено од обновливи извори, како и системи за складирање, како што се батериите.

Оваа технологија овозможува комбинација на ветерници, хидроцентрали и стабилни извори на енергија како што се геотермалните централи, а придонесува и за рамнотежа на производството и потрошувачката.

На новиот пазар на електрична енергија, производството од ветерни електрани и соларни паркови е непредвидливо поради можноста за нагли промени на метеоролошките услови, па балансирањето има голем удел во трошоците.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.