Европската инвестициона банка (ЕИБ) спроведе истражување за отпорноста на претпријатијата од нашиот регион и дојде до заклучок дека со најголеми тешкотии се соочуваат малите и средните претпријатија, но дека владината помош спасила од исчезнување голем број фирми. 

Како се бори Запaдниот Балкан со кризата?

Економската ситуација во светот е навистина загрижувачка.  Знам дека не кажувам ништо ново, но сакам да потенцирам, зашто има луѓе кои светската криза ја изедначуваат со неснаодливоста на сопствените власти, иако антикризните мерки се слични во глобалната економија. Кризата дојде од прекинот на една мала алка во синџирот на светската трговија (Украина), а страда целиот свет и никој не знае кога ќе и се види крајот, но факт е дека рехабилитацијата ќе трае најмалку 20 години. Па, заборавивме ли дека од економската криза од 2008 година, што ја предизвика хипотекарната дупка во Америка, поминаа 14 години, таа уште не беше до крај залечена, дојдоа нови кризи, ковидот и војната во Украина. За обичниот човек најстрашно е паѓањето на сопствениот економски статус. Тоа значи дека огромен број семејства од средната класа ќе паднат барем за еден степен подолу.

Во меѓувреме, сигналите за рецесија стануваат се позагрижувачки и тие доаѓаат од најмоќната економија на светот – американската (со БДП од 20 илјади милијарди долари годишно), која, кога ќе се накашла се тресе целиот свет. Некои банки од Волстрит во последните недели предвидуваат уште поглелм пад во однос на првичните пргнози.

Европската инвестициона банка (ЕИБ) спроведе истртажување за отпорноста на компаниите од Западниот  Балкан на актуелната криза.

Заклучокот на ЕИБ е дека последиците од украинската криза доаѓаат токму во време кога фирмите од овој регион се опоравуваа од шокот со КОВИД-19.

Сепак, ЕИБ констатира дека фирмите ја поминале  пандемијата подобро отколку што првично се стравуваше. Тие изгубиле 29 % од прометот и отпуштиле 9% од нивната работна сила, при што пандемијата особено ги погодила  услугите, помалите и средните бизниси, се разбира кои најмалку се отпорни на стресови. Големата поддршка на финансиските власти во земјите на Балканот помогнала да се спречат банкроти од големи размери, при што само 3% од фирмите во регионот поднеле барање за несолвентност или трајно затворање.

Извештајот на ЕИБ покажува дека фирмите што биле интегрирани во глобалните синџири, односно тие што биле поиновативни во минатото, тие што биле повеќе дигитализирани и со подобар квалитет на управување – подобро се адаптирале за време на пандемијата. Тие дури го прошириле своето онлајн присуство, се префрлиле на работа на далечина, го приспособиле производството или поефективно ја искористиле достапната поддршка од владите.

ЕИБ потенцира дека владините програми одиграле  стабилизирачка улога преку ублажување на стресот на ранливите фирми, како што се помалите бизниси, самостојните фирми и тие на кои им недостасуваат капацитети за пречекорување на прагот на задолженоста.

Војната во Украина се покажала како повторно тестирање на отпорноста на економиите од Западниот Балкан, додека тие се опоравувале од пандемијата. Новите ризици и зголемената неизвесност ги ставаат прекуграничните текови и трговијата под притисок, се вели во извештајот на ЕИБ.

Интересно е да се подвлече дека во извештајот стои една реченица, а тоа е дека „издржливоста и иновативниот капацитет на фирмите е поврзан со нивното учество во глобалните синџири во трговијата. Во фазата на потенцијални трендови на де-глобализација, Западниот Балкан треба да ја надгради својата конкурентска предност од силни врски со ЕУ и дополнително да ја зајакне, како отскочна штица за побрз развој. Отворањето на глобалната економија е од суштинско значење, за да им се овозможи на овие земји да ги подобрат своите компаративни предности и да ја зголемат својата конкурентност.“

Индустриски состав

Индустрискиот состав на поинтегрираните региони во глобалните синџири на вредност е јасно фокусиран на производи со повисока додадена вредност, додека тие што  се помалку интегрирани тргуваат главно со производи со помала додадена вредност или суровини.

Доказите во извештајот укажуваат дека трговската интеграција со развиените економии, особено со Европската унија, пристапот до информации и знаење, преку учество во глобалните синџири на вредности, странска лиценцирана технологија и современата практика на управување, се меѓу најважните состојки за зајакнување на иновациите на Западниот Балкан.

Со почнувањето на преговорите со ЕУ, можностите за пристап и искористување на овие фондови стауваат многу поголеми, се разбира врз основа на издржани проекти.

Финансиски празнини

Извештајот на ЕИБ констатира дека финансиските системи на Западниот Балкан досега добро се држат. Фирмите продолжуваат главно да се потпираат на банкарски кредити за надворешно финансирање. Пазарите на капитал се недоволно развиени, а достапноста на ризичен капитал, на приватниот капитал и на лизингот е многу ограничена. Уделот на фирмите со ограничени кредити на Западниот Балкан е значително поголем кај малите фирми во споредба со големите (16 % наспроти 7 %). Овие кредитни ограничувања произлегуваат од недоволната транспарентност на страната на малите и средни претпријатија (МПС), како и од ограничувањата во капацитетот за проценка на ризикот на посредниците. Во иднина, наследството од пандемијата со КОВИД-19 и влијанието на руската инвазија на Украина веројатно дополнително ќе го попречат финансискиот пристап на фирмите. Со текот на времето, политиката на повисоки стапки ќе се претвори во построги услови за финансирање, при што јазот меѓу побарувачката и кредитната понуда ќе биде уште поголем за МСП. Ова е загрижувачко, бидејќи пристапот до финансии, вклучително и пречекорувањата, порано беше извор на отпорност на фирмите за време на пандемијата.

Како и да е, во актуелнава продолжена криза, комбинација од две кризи, се виде дека државната интервенција е, не  само оправдана, туку и добредојдена за огромен број еконосмки субјекти и за социјалните категории. Се разбира дека државниот буџет не е вреќа без дно, печатењето пари е забрането со закон, па така единствен извор на свежи пари е – непријатното задолжување кое никој не го сака, а кое опозицијата жестоко го критикува, иако знае дека кога би била таа на власт би ја користела истата можност. Последиците ќе бидат одложен и бавен еконосмки развој. Но, да видиме што ќе донесе првиот чекор од нашето приближување кон ЕУ. Ако сме и толку драги на Старата Дама, белким ќе го одврзе кесето толку колку што треба, се разбира со должна контрола врз парите, за да не ги потоморат некои домашни „кибритџии“.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.