На светот ништо не е случајно. Дефинитивно! На денот предвиден да ја претставиме повторно објавената книга „Аз, буки, веди…“, на еден од најплодните македонски автори, Видое Подгорец, се потсетуваме и на неговиот живот и големото дело.

Видое Подгорец роден е на денешен ден, 8 јуни 1934 година во струмичко Колешино. Подгорец e омилен лектирен писател за децата, како и со делата за младите и лирика и романи за возрасни.

Многу генерации израснале со јунаците од неговиот роман „Белото Циганче“, а потоа и трилогија, топла приказна која беше и екранизирана преку тв серија.

Подгорец освен што е еден од најплодните македонски писатели, зад себе остави дека како патописец, поет, раскажувач и романописец за деца и возрасни. Припадник е на втората генерација македонски писатели, а објавил стотина наслови стихозбирки, раскази и романи.

Во родното Колешино завршил основно училиште, а во 1950 година завршил учителска школа во Штип и со неполни шеснаесет години почнал да работи како учител. Поради материјална состојба, не бил во можност редовно да ги следи предавањата на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде студирал вонредно.

Во 1956 година, дипломирал на Вишата педагошка школа, а во јуни 1959 година дипломирал и на Филозофскиот факултет, на групата за југословенска литература. Три години потоа работел како училишен инспектор за Штипската околија, а во 1962 година се вработил во Скопје, во НИП Нова Македонија, во редакцијата Детска радост, како уредник во детските списанија Другарче и Наш свет.

Видое Подгорец станал член на Друштвото на писателите на Македонија во 1958 година. Започнал да пишува уште додека учел во учителската школа во Штип, а малку подоцна, непосредната работа со децата (како учител) имала пресудно влијание за неговата определба за детската литература.

Писателот Подгорец спаѓа во редот на најпопуларните и најплодните македонски автори: Само во првите десетина години од својот творечки живот објавил триесетина наслови. Неговите дела се преведувани на повеќе светски јазици: српски, хрватски, словенечки, турски, албански, руски, украински, полски, чешки, словачки, бугарски…

Тој пишувал поезија и проза за возрасни и за деца, книжевна критика и есеистика, а покрај тоа, има објавено серија патописи од неговите патувања во други земји. Подгорец е автор на неколку телевизиски сценарија за детски игри, како и на две радио-драми за деца: Незавршена приказна (заедно со Михо Атанасовски) и Чудесно патување. Уредник е и на две антологии: Гулаб на мирот (избор на раскази за деца) и Вртешка (избор на песни за деца). Во 1969 година, издавачката куќа Наша книга од Скопје објави избор од делата на Подгорец во десет книги.

Карактеристично за неговото творештво, освен лириката, се и романи и други прозни дела инспирирани од поблиското и подалечно историско минато на македонскиот народ. Од попознатите дела со ваква тематика се: Ајдучка чешма (роман за деца, 1964), Рајна Војвода (роман за деца и млади, 1971), Пиринскиот цар (раскази за деца, 1980), Карпошовата буна (роман, 1983), Крали Марко (повест), Ајдучка чешма и други.

Долг е списокот на наслови и книги што во својот релативно краток живот зад себе ги оставил писателот Подгорец. Сепак, се чини, дека најпопуларен кај децата е со трилогијата Белото Циганче, која е преведена на повеќе странски јазици.

Својот работен век го завршил како директор и главен уредник во НИК Наша книга, а починал на 14 април 1997 година во Скопје.

Добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои „13 Ноември“ и „Климент Охридски“.

Во негова чест во родното Колешино и Струмица се одржува манифестацијата „Средби под јаворите – Видое Подгорец“.

***

Со романизираната биографија на солунските браќа Кирил и Методиј, „Аз, буки, веди…“ од еден од најплодните македонски писатели Видое Подгорец, годинава беше одбележан Денот на сесловенските просветители и учители, 24. мај. Книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е една од новите читанки од едицијата „Лесно читливи“. Во изданието се вклучени активности за работа на час, речник за помалку познати зборови и биографија на авторот.

Во романот е раскажан животот на Кирил и Методиј – апостолите на културниот развој на Словените, мисионери на христијанството и создавачи на глаголицата, најстарата словенска азбука.

Видое Подгорец со ова дело, симболично насловено токму со имињата на првите три букви од тогашната азбука, дава исклучителен книжевен придонес кон приближување на далечниот деветти век, како и за објаснување и осветлување на вистинските заслуги на Кирил и Методиј пред денешните деца. На едноставен, топол и лирски начин се оживеани ликовите на светите браќа, на нивните (не)пријатели и ученици, а целиот поширок културен и временски контекст е предаден на многу разбирлив и приемлив начин. Историските факти се проткаени низ текстот со широко познавање што не ја оптоварува романизираната биографија, туку само ја поткрепува и ја збогатува.

Со оваа книга на Подгорец, на младите читатели, од книжевен агол им се доближуваат Кирил и Методиј, создавањето на глаголицата, а потоа и нејзиното развивање во кирилица.

Свети Кирил и Методиј биле мисионери на христијанството помеѓу Словените од Голема Моравија и Панонија. Преку нивната работа тие влијаеле врз културниот развој на сите Словени, поради што ја добиле титулата Апостоли на Словените. Тие се заслужни за изумување на глаголицата, првата азбука искористена да се препише старословенскиот јазик. По нивната смрт, нивните ученици ја продолжуваат нивната работа и дејност помеѓу Словените. Двајцата браќа се почитувани во Источната православна црква како светци со титулата еднакви со апостолите. Во 1880 година, папата Лав XIII ја вовел нивната слава во календарот на Римокатоличката црква. Во 1980 година, Јован Павле Втори ги прогласил за созаштитници на Европа, заедно со Бенедикт Нурсиски.

Константин и Методиј се родени и пораснати во Солун. Потекнуваат од угледно солунско семејство. Нивни родители биле Лав и Марија. Методиј е роден во 826 година. Се школувал во специјални училишта за стекнување на воени вештини и за извршување на високи државни функции. Поради стекнатото знаење и способностите што ги поседувал, Методиј на 20-годишна возраст од византискиот двор добил чин војвода. Тој како војвода во 845 година бил испратен да биде управник на Словенското кнежевство во Македонија, кое се простирало во Струмичко-брегалничкиот регион. Задача на Методиј била да ја осигури поддршката на месното население во борбата против бугарските напади на таа територија.

Константин, познат под монашкото име Кирил, бил роден во 827 година. Се школувал во солунските училишта во кои оделе само децата од поимотните семејства. Како најдобар ученик, рано се школувал на Цариградскиот универзитет (Магнаурската школа). Таму изучувал повеќе науки и повеќе јазици. По завршувањето на студиите Константин станал професор по филозофија во универзитетот во кој и самиот учел претходно. Како вреден и образован стекнал голема доверба на византискиот двор…

Книгата „Аз, буки, веди…“ е достапна во сите поголеми книжарници на Литература.

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.