Србија и Македонија со најголеми златни резерви на Балканот. Србија е прва во регионот по депонираното количество на злато, покажуваат најновите податоци на Светскиот совет за злато (World Gold Council), додека Македонија е на второто место по резервите на злато меѓу земјите на Балканот.

Србија и Македонија со најголеми златни резерви на Балканот

Србија има најголеми резерви на злато меѓу земјите од регионот и нејзините златни резерви достигнуваат 38,1 тони златни резерви, што ја прави водечка земја во регионот по количината на овој благороден метал депониран во трезорите на Народната банка на Србија. Трезорот на Народна банка на Македонија располага со 6,9 тони златни резерви. Потоа следуваат Словенија со 3,2 тони, Босна и Херцеговина со три тони злато и Црна Гора со 1,09 тони. Од поранешните земји на Југославија само Хрватска не е рангирана, нема резерви во злато, бидејќи поголемиот дел го продаде во 2001 година, е наведено во податоците на Светскиот совет за злато.

Србија денес има двојно повеќе злато од пред десет години, односно вредноста на девизните резерви од овој благороден метал за оваа декада е зголемена за повеќе од три пати. Според податоците на Народната банка на Србија, во нивните трезори се чуваат 38,1 тони злато, додека во 2012 година имало 15,3 тони.

На ваквиот тренд му кумува и откупот на производство од најголемиот рудник за бакар и единствената фабрика за топење со кои од 18 декември 2018 година управува кинескиот рударски гигант Зијан.

„Целото количество злато што се произведува, според српските закони, мора прво да и се понуди на Народната банка на Србија, а само доколку одбие да го купи по пазарна цена, можеме да побараме дозвола за извоз. Тоа досега не се случило, што значи дека златото што го произведува оваа компанија останува во Србија“, објави Зијин. Народната банка на Србија од почетокот на годинава откупила 852 килограми злато од домашното производство.

Според најновите податоци, Србија, освен што според количеството од 38,1 тони златни прачки во резервите е водечка земја во регионот, е рангирана и како 54-та во светот по злато депонирано во трезорот на централната банка. За споредба, во 2016 година во трезорот на Србија имало 17,9 тони злато.

Во Македонија

„На крајот на јуни 2022 година, официјалните девизни резерви на нашата држава изнесуваат 3.116,1 милион евра. Најголем дел од девизните резерви се пласирани во хартии од вредност (73,3%) по што следуваат валутите и депозитите (14,5%) и монетарното злато (12,3%)” – се наведува во статистичките податоци на Народната банка објавени на нивната веб страна.

Златото воедно ги претставува и девизните резерви на земјата, бидејќи историски се карактеризира како „безбедно средство“. Овој благороден метал служи и како гаранција за доверба во централната банка, особено во тешки кризни времиња како што е моменталната ситуација со геополитичките тензии во Украина, енергетската и економската криза и глобалниот раст на инфлацијата. Покрај тоа, на оваа форма на средства е потешко да се влијае преку политиките за каматни стапки на различни монетарни власти, додека обично служи како форма на заштита од инфлација на долг рок.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.