На плацот „Балкан ауто карс“, половниот „Голф“ дизел, најбаран – Тој е најпосакуван автомобил на овие простори. Или да објаснам попластично, кога доаѓаат клиентите на прашањето каква кола сакате?- велат: Каква сака нека биде – ама голф да е.

Диспаритетот на понудата и побарувачката кај половните возила во последно време е сѐ поизразена. На тоа во голема мера му кумува забавеното производство на нови класични автомобили, најавите од ЕУ за забрана на возила на бензин и дизел најдоцна до 2035 година, како и пренасочување на автомобилската индустрија од класичните верзии кон електрични автомобили. Паралелно опаѓа и бројот на клиентите кои воопшто сакаат да поседуваат електричен автомобил, поради што понудата на користени дизели и бензини ќе се намалува побрзо од побарувачката. Тоа се одразува и на цените на половните возила кои само лани во просек пораснале за речиси 25 отсто.

За тоа каква е состојбата со половни возила на македонскиот пазар, каков е односот на понуда – побарувачка, како се движат цените и каков е предизвикот да се живее со предвидувањата за целосно пренасочување кон електричните возила, разговараме со Зоран Василевски, менаџер и еден од сопствениците на „Балкан ауто карс“ –дооел Скопје, автоплац што над една деценија нуди користени возила за македонските граѓани.

„Балкан ауто карс“ чија главна дејност е увоз и продажба на половни автомобили, користи плац покрај Качанички пат во атарот на Визбегово (во склоп на автоплац Интегра). Тој е еден од поголемите автоплацови кои стопанисуваат со половни автомобили во Македонија, на што нашиот соговорник е посебно горд.
Василевски има интересна приказна зад себе. Дотолку повеќе што тој по 22 години работа и стопанисување со скопскиот ресторан „Боеми“, целосно го сменил својот работен ангажман и се посветил на трговијата со користени возила. Всушност и во периодот додека се занимавал со угостителството, автомобилите му биле пасија, но не со толкав интензитет, како што е денес целосно посветен.

„Угостителството некако ми стана монотоно и се одлучив да затворам и целосно да се посветам на работата со автомобили- односно на работата со увезени половни автомобили. Сега гледано од оваа дистанца, воопшто не се каам што прекинав со угостителство. Тоа е професија која бара многу ангажман, не ти остава простор за приватен живот….Додека создадов база, работев со двете работи. Започнав со две –три –пет автомобили… “

Лимитирани услови за увоз на понови половни возила

На автоплацот на „Балкан ауто карс“ денес доминираат германски марки на автомобили. Или како што објаснува овој вљубеник во автомобилите,- преферираме фолксваген (Volkswagen) и ауди (Audi). Иако ова се германски брендови, ние ги увезуваме од Милано. Нашите добавувачи соработуваат со салони за нови автомобили од кои ги откупуваат користените автомобили што им ги оставаат во акцијата ’старо за ново’. Македонскиот пазар бара повеќе германски марки, бидејќи за нив полесно се доаѓа до делови. Едноставно во земјава има многу авто плацови кои расклопуваат и работат со делови од германски коли. Но, секако нема ограничување, набавуваме и други марки…. “

Василевски објаснува дека старосната граница на автомобилите кои се во понуда на неговиот плац почнува од ЕУРО4 стандард, чија палета опфаќа автомобили од 2004 година наваму. Но со најновите измени, последниве три години –  се воведе регулатива колку е постаро возилото да подлежи на поголема такса за ЦО2. Односно колку е постаро возилото, толку се поголеми давачките, и затоа не се исплатува да увезуваат постари возила. Во основа сега повеќе работат со ЕУРО5 стандард, односно увезуваат возила од 2010 година наваму.

  • Колку автомобили увезувате годишно, и како се движи процентуално цената во однос на ново возило?

-Годишно увезуваме најмалку 100-ина автомобили. А цената како што објаснив погоре ја диктираат повеќе фактори. Така на пример, ако нов автомобил од конкретна марка чини околу 30 000 евра, тогаш автомобил од истата марка од 2010 година со еуро5 се движи околу 10 000 евра. Што во основа се сметаат како понови за наш стандард…

  • Каков е интересот за ваквите возила?

-Приближно колку увезуваме толку и продаваме. Но, во принцип внимавам  околу 50-тина возила постојано да има на лагер. Иако, мора да признаам дека сѐ уште има поголем интерес за еуро4 стандард (но, избегнуваме да продаваме од нив), затоа што нивната продажна цена, која во просек се движи од четири до шест илјади евра е поприфатлива за македонските граѓани. И токму поради ниската куповна моќ на граѓаните возилата од еуро5 кои чинат од седум илјади нагоре, сѐ уште помалку се бараат.

„Каква сака нека биде – ама ’Голф’ да е“

  • Кои модели најмногу се продаваат?

– Најголема побарувачка има за Голф. Тој е најпосакуван автомобил на овие простори. Или да објаснам попластично, кога доаѓаат клиентите на прашањето каква кола сакате?- велат: Каква сака нека биде – ама Голф да е. – За наш стандард најбарана е токму голф дизел. Побарувачката за VW Golf: дизел е голема, а моделот е сѐ поредок.

  • Како се одрази кризниот период на продажбата со половни автомобили?

– Кризата најмногу ја почувствувавме во првите месеци на 2020 година, но потоа  луѓето некако се ослободија, немаше некои посебни препреки. Дури 2021 година ја завршивме многу успешно. Но, затоа добро ја почувствувавме украинскава криза. Таа е појака. Продажбата ни опадна за 50 отсто, откако почна војната. Иако имам чувство дека луѓето се олабавуваат.

  • Рековте 2021 година ја завршивте успешно. Откако сте во овој бизнис која година ви беше најдобра, најинтересна?

–  Лани солидно ја надминавме продажбата од 100 автомобили. И да признаам минатата, 2021 година, за нас, за мојата компанија беше една од подобрите години откако нудиме половни автомобили.

  • Претпоставувам дека неретко се соочувате и со непријатни ситуации – рекламации, поврат на средства…?

-Се случува, како не. Во принцип, сите увезени возила подлежат на проверка пред да ги продадеме. Нашите сервисни кооперанти ги прегледуваат автомобилите, ги поправаат доколку имаат некој дефект и ги доведуваат во безбедна возна состојба. Обично пред да ја пуштиме во продажба колата се тестира, доколку се забележи каква  било аномалија, се поправа. Најчесто има ситни дефекти. Ние всушност веќе околу осум години работиме со исти добавувачи и ако нешто и фали на колата тие не предупредуваат. Сите работи се по договор….Но во секој случај носиме работа и за кооперантите.

  • Кои автомобили се најбарани?

– Германските се попродавани. Но, најчесто луѓето бараат марки кои и претходно ги возеле. Така некој што возел француска марка, си бара таква. Од француските најмногу се продава Цитроен, од јапонските држиме Тојота и Хонда. Тојота  држи цена на западниот пазар, особено помалите марки како Тојота јарис – имаат голема цена. И во САД држи цена. И таму е најпродаван автомобил…

  • Покрај тоа што претежно работите со германски марки, по што се разликуваат вашите услови и услуги од другите автоплацови?

„Балкан ауто карс“  е еден од ретките автоплацови што нудат олеснителни услови за набавка на посакуваниот автомобил. Клиентите кои сакаат да си го набават автомобилот што им се допаѓа, а немаат доволно средства добиваат помош од нас. Во таа насока соработуваме со Силк Роуд банка. Така нашите клиенти можат да обезбедат средства до 300 000  денари на 36 рати без камати, без скриени трошоци. Многу луѓе доаѓаат со одредена сума за однапред планирана марка, но им се допаѓа поскап автомобил, па разликата ја обезбедуваат со кредит. Оваа соработка со банката им одговара на повеќе луѓе, а на тој начин мора да признаам дека се зголеми и продажбата на „Балкан ауто карс“.

Царина да се плаќа на куповната цена

  • Другите земји имаат полиберални услови за увезување на користени автомобили. Според вас каде би требало да се дејствува, што треба да се промени за да биде и во ваш и во интерес на граѓаните?

-Потребни се полиберални давачки. Последниве две години се зголемија давачките. Возилата ги цариниме по број на шасија. А, Царинска управа користи германска листа на цени за марките автомобили и не царинат според таа вредност, а не според цената по која се увезени возилата. Иако, факт е дека таму многу се покачија половните коли што ја повлече нагоре и нашата цена. Ние, како што веќе реков возилата ги набавуваме преку Италија затоа што ни е поевтино, но плаќаме царина по германски стандард… И луѓето реагираат …

На пример возило од 2010 со комплетно платени давачки, „Голф“- со превоз, давачките надминуваат две илјади евра, а тука би се продавало околу 8 000 евра.

  • Какв е впечатокот кога се во прашање електричните возила?

– Засега нема некои поконкретни барања. Според мене тоа се должи и на фактот што нема поддршка во однос на станици за полнење. Луѓето се плашат да купуваат половни електрични автомобили и поради краткиот век на батериите како и поради тоа што нивната вредност е половина од вредноста на автомобилот. Затоа сѐ уште се скептични околу изборот на EV автомобили.

  • Каков е вашиот впечаток ? Цената на половните возила расне кога 50 отсто од капацитетите на автомобилската индустрија се префрлија на производство на EV возила.

-Во последно време, особено по проширувањето на короната се појави недостаток на делови.  Кога заврши короната се зголеми побарувачката за нови автомобили, но производството на истите е драстично намалено. Ако сега нарачаш нов автомобил треба да чекаш од 9 -12 месеци… Поради тоа се создаде еден вакуум за половните автомобили – ги нема во доволен број и затоа рипна цената. Да бидам појасен, поради короната, цените на половните автомобили пораснаа, бидејќи беше намалено производството на нови автомобили. Поради тоа и оние сопственици кои сакаа да ги заменат старите коли со нови, се откажаа. Затоа се намали понудата на користените возила. А пораснаа и цените на автомобилите поради што се поскапија и деловите.

  • Има ли иднина со половни автомобили. Каде ја гледаш перспективата?

– Еден мој пријател вели: Само леб ќе се јаде, ама автомобили ќе се возат. Навиката е чудна работа. Тој што долг период вози тешко да се одвикне. И сега не е како порано, еден автомобил во една фамилија. Сега речиси секоја фамилија поседува најмалку два автомобила, а некои и по три, четири.  Начинот на живеење го наметна тоа. Минатата година бев во Америка, таму и преку ден не можеш да сретнеш човек на улица. Улиците се празни, никој не се движи пешки сите возат автомобил.  Зборувам за помали градови, каде маркетите не се во градот … Стануваме се помрзливи.. Коли ќе се возат па макар и само леб да се јаде…

Годинава, ако потрае војната во Украина тешко дека ќе ја надминеме 2021, но во секој случај продажба има и најголем интерес и понатаму има за дизелите.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.