Граѓаните веќе секојдневно се плашат од постојаното зголемување на цените. Цената на водата, засега, останува на сегашното ниво, тврди за Анторис јавното претпријатие „Водовод и канализација – Скопје“.  Следуваат прашањата и одоговрите, за Анторис, од менџментот на компанијата.   

  1. Како се движи потрошувачката на водата за пиење во Скопје и во другие градови на Македонија?
  • Потрошувачката на водата за пиење во градот Скопје зависи пред се од временскиот период кога се анализираат податоците. Имено потрошувачката на вода во зимскиот период (октомври- март) кој најчесто го користиме како релевантен период за реалната потрошувачка во градот Скопје се движи во рамките на 500 литри по жител дневно или во просек произведена вода од околу 268.000 м3 секој ден за задоволување на потребите на жителите на градот Скопје. Во летниот период (април – септември) од повеќегодишните анлизи потрошувачката на вода се зголемува во просек за 10-15 % во зависност од просечните температури во посочениот период. Во овој период жителите на градот Скопје просечно трошат по околу 560 – 570  литри дневно или во просек по околу 295.000 м3 за задоволување на потребите на жителите на градот.

Имајќи го предвид фактот дека ЈП Водовод и канализација – Скопје, има ингеренции само на територија на град Скопје, а и дека секој град има свое претпријатие задолжено за водоснабдување и одведување на отпадните води, немаме податоци за потрошувачката на вода во другите региони на Р.Македонија.

  1. Дали се задоволува побарувачката за вода?
  • ЈП Водовод и канализација – Скопје преку извориштата Рашче 1 и Рашче 2 како и бунарските подрачја Нерези и Лепенец целосно ги задоволува потребите на жителите на градот Скопје, односно им обезбедува секојдневно непрекинато водоснабдување.
  1. Со каков квалитет е водата?
  • Водата што доаѓа од двете капштажи во Рашче е со постојан квалитет, познат по својот состав кој е константен во текот на целата година. Високо-стручен тим на Секторот за санитарна контрола го гарантира квалитетот и исправноста на водата за пиење од изворот Рашче, како и од мерните места низ градот Скопје и околината на градот со секојдневно земање примероци и извршување анализи со физичко-хемиски параметри и микробиолошки параметри. Безбедноста на водата за пиење се гарантира и следи со секојдневен мониторинг според Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење бр.183/2018.
  1. Како се одржува квалитетот на водата?
  • Со континуирана дезинфекција на водата за пиење преку хлоринаторната станица „Кондово“ за извориштата Рашче 1 и Рашче 2 и хлоринаторните станици Нерези и Лапенец за бунарските подрачја водата која ја користат жителите на градот Скопје е целосно безбедна за употреба. Квалитетот на двете изворишни подрачја како и на двете бунарски подрачја е со непроменети параметри односно непроменет квалитет од нивно ставање во експлоатациониот систем на градот.
  1. Колку чини тоа оддржување?
  • Трошоците за одржување на капацитетите со цел непрекината функционалност и оперативност на претпријатието, а со тоа и испорака на квалитетна услуга до сите корисници се променливи. Врз основа на потребите, ЈП Водовод и канализација – Скопје секоја година изработува инвестициона и програма за работа со која се предвидуваат сите тековни и планирани активности, како и финален извештај во кој се изнесуваат сите завршени активности и трошоци. Врз основа на финалните извештаи, во 2021 година износот на трошоците само за сопствено производство на вода изнесува 861,261,600 денари.
  1. Колку влегува во цената на кубикот?
  • Врз основа на трошоците на претпријатието за производство на вода, одржување на водоводната и канализационата мрежа, но и целосната оперативност на претпријатието преку РКЕ се одредени тарифи за водни услуги како што е наведено:

 

–      Просечна тарифа за водната услуга: снабдување со вода за пиење за 2022 година е 23,24 ден/м3

–      За категоријата домаќинства тарифата за водната услуга: снабдување со вода за пиење е 18,50ден/м3 и

–      За категоријата останати корисници (стопанство) тарифата за водната услуга:  снабдување со вода за пиење е 49,50ден/м3.

  1. Каде има проблеми во снабдувањето и од кои причини?
  • Како и секоја година во летните периоди проблеми со водоснабдување претежно има во руралните средини, односно таму каде што водата за пиење, освен за секојдневните потреби на домаќинствата се користи и за полевање на зеленило, за полевање на земјоделски површини, за разладување на улиците итн. Во однос на ова проблематика, ЈП Водовод и канализација – Скопје континуирано апелира за рационална употреба на водата за пиење и за зголемување на свесноста за огромното значење на природните ресурси.
  1. Има цели населби што се жалат на слабиот притисок на водата во чешмите, па дури и до целосно секнување на водата. Зошто се случува тоа и дали Водовод може да ја поправи таа ситуација?
  • Намалениот или слаб притисок на водоснабдувањето е за жал честа појава особено во летниот период во високите зони и во приградските населени места. Причините за тоа се добро познати, а се однесуваат на климатските промени кои резултираат со зголемени температури, но и поголеми сушни периоди. Меѓу причините е и неодговорното и нерационално трошење на водата за пиење, како природен ресурс. Во однос на превенирање на овие ситуации, ЈП Водовод и канализација – Скопје посветено и континуирано работи на обнова на водоводната мрежа, формирање на циркулациони системи, реконструкции во високите зони, но и на едукација на населението во однос на правилна и рационална употреба на водата пиење. Иако, постоечките капацитети во моментот ги задоволуваат потребите на граѓаните во град Скопје, ЈП Водовод и канализација – Скопје, веќе подолго работи и на наоѓање алтернативни извори за водоснабдување со вода за пиење и/или техничка вода, имајќи ги предвид промените кои се случуваат, а се од природен карактер или како резултат на проширување на градот и зголемување на бројот на населението.
  1. Дали се работи на алтернативни извори на снабдување и кои се тие извори?
  • Во моментов повторно се почнува со мониторингот на алтернативни извори за водоснабдување, а тоа се Патишка Река, Кадина Река, Мала Река и Кадина по вливот на Мала Река. Тоа се водени примероци кои имаат низок минеролошки состав и следствено на тоа и ниска тврдина. Од аспект на досегашните испитувања присуството на тешки метали и токсиканти е во траги. Во досегашните испитувања истите се покажале со задоволителен квалитет по физичко-хемиски параметри, микробиолошки, радиолошки анализи и анализи на пестициди и паразити, а со тоа и се јавува потребата да се трага по идни можни решенија за тие да можат да се користат како алтернативни извори за водоснабдување. Воедно во текот на минатата година како и сега се работи на процеси на повторно ревитализирање на веќе постоечки бунарски капацитети кои се во сопственост на нашето претпријатие. Се работи за бунарскиот систем во Бутел и Инџиково. Истите се следат по својот квалитет со физичко-хемиски и микробиолошки параметри.
  1. Дали ќе има поскапување на водата, со оглед на општиот ценовен раст?
  • И покрај проблемите со кои ЈП Водовод и канализација – Скопје се соочува досега нема пуштено барање до РКЕ за поскапување на водата, иако двоцифрената инфлација прави сериозни финансиски проблем. Ние на секој таков финансиски удар седнуваме и правиме финансиска проценка на штетите и досега успешно сето тоа го надминуваме преку домаќинско и одговорно управување со цел да го заштитиме стандардот на граѓаните. Ова подразбира дека и во иднина ќе правиме финансиски анализи во зависност од макроекономската ситуација и ќе ја следиме состојбата.

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.