Ристо Јосков: Моите иновативни помагала не се убави на око, но функционираат и се корисни. Доколку се реализира производството тогаш може и визуелно да се подобрат.

Јосков е машински инженер, иноватор и сопственик на „Метал Конструктор“ од Кавадарци, компанија за машинско одржување на стопански субјекти кои работат со железо и челик, или како што вели нејзиниот сопственик:

„Тоа што јас можам да го дефинирам како работа на мојата компанија е: работа по работен час за монтажа на опрема, ремонт на опрема, изработка на опрема и изработка на техничка документација. Сите тие работи се малку комплицирани за обjаснување. А, она, како можам најблиску да го доловам е дека се што е од железо, од челик, употребливо во Фени и други компании од овој сектор, „Метал Конструктор“ треба да биде подготвен да го реализира, да одговори на барањето, без разлика дали се работи за грамови или тони, нешто  што може да биде статично или пак во движење.“

Задоволство е кога замислениот и проектиран производ функционира

Тоа е основната дејност на компанијата со која нашиот соговорник стопанисува околу 25 години, но поводот за овој разговор се темели на неговите иновативни производи- медицински помагала. „Сега зборувам за нешто друго, желбата за напредок, за производ што би сакале да го произведуваме. Некои од нив слободно можам да речам дека се инженерски предизвик, можеби  ентузијастично размислување – што како човечка индивидуа ме тера да размислам што на другите би им требало, или, пак, би им помогнало.“

Станува збор претежно за санитетска опрема, којашто на некој начин во одреден период би била од голема помош на евентуалните корисници.

-Принципот кој јас сум го зацртал, се заснова на креирање на комплетно нов производ, или производ којшто во огромна мера би бил видоизменет од тоа што може да се најде на пазарот. Така што на полето на медицинската опрема во ниеден биланс не може да се најде она што јас го нудам како иновација во однос на производи коишто можат да се најдат на интернет. Ако ме прашувате за визуелниот, естетскиот квалитет на тие работи кои ги имам како новитети, навидум се катастрофа. Јас кога ги конструирам производите сум задоволен ако на крајот она што сум го замислил и проектирал функционира.

Ристо Јосков: Моите иновативни помагала не се убави на око, но функционираат и се корисни. Доколку се реализира производството тогаш може и визуелно да се подобрат.

Всушност при креирањето на моите изуми, замислував дека јас треба да бидам „сештолог“. Многу време ми требаше да ги разграничам потребните активности за креирање и комплетирање на еден нов производ во четири фази: идеја, проектирање, изработка и маркетинг. Дека не можам да бидам човек за се“, вака Јосков го опишува патот по кој чекори исполнувајќи го својот инженерски предизвик – креирање на иновативни медицински помагала.

Маркетингот – битен сегмент за секоја иновација

Одејќи по таа линија, тој признава дека најголема грешка направил во маркетиншко-репрезентативниот дел за кој воопшто не е вешт.

Односно за грешка ја смета презентацијата на своите изуми – на начин на кој ги замислил, а не на начин на кој клиентите ги гледаат.

„Лесно е јас да зборувам за машинство и некои стандарди во машинската индустрија со некој машинец, но многу потешко е да зборувате за некоја идеја, производ пред луѓе кои не се упатени во таа проблематика, иако вие замислувате дека е корисен за одредена група. “

Поаѓајќи од ваквата констатација Јосков планира да најде друг начин, што ќе му ги прошири пристапите во работењето, што ќе овозможи филозофијата да не биде еднолична, за што е потребно анимирање на повеќе луѓе.

– Кога јас зборувам за замислениот производ, тоа е една приказна, но кога ќе го материјализирам, тогаш максимално го изложувам производот на јавното мислење и тоа со мое провокативно обраќање, со цел  да примам повеќе критички гледишта, кои би ги вметнал во новата генерација на производи.

Впрочем, она што јас  го дизајнирам софтверски, колку и да е можно да имам увид од сите агли и во минимални димензии, кога ќе се погледне тродимензионално, во природна големина, ми отвора нови хоризонти. Уште повеќе кога и другите ќе дадат каков било коментар се трудам да бидат дел од новата генерација на производи.“

Еден дел од моите иновации во таа медицинска опрема е во насока на помагање на луѓе кои имаат проблем со движењето- протеза за помош при движење. Ова е работа која се уште е во фаза на идеја – работа што само ја земам како предмет за анализа. Но, во рамките на развој на идејата за тие производи со потенцијални инвеститори – се почувствував засрамен од фактот што идеите се уште ги чувам во глава додека на некои овие протези им се многу потребни. Се чувствувам неблагодарен што не ги сработувам.

 Иновациите на Јосков

Освен протезата за помош при движење, која е во фаза на обработка, Јосков вели: се друго што ќе споменам е произведено во форма на прототип. Зборувам за медицинска статичка опрема, за стационарно опслужување на корисници, кои имаат проблем со моториката.

Автоматизиран санитетски кревет којшто овозможува движење во сите правци на телото. Максимално елиминира појава на декубит и овозможува атрофијата на мускулите на човекот кој не може да се движи да биде минимизирана. Самиот кревет е поставен така што овозможува движења кои на телото му обезбедуваат толку многу активности визави просечен скијач.

Називот на другиот производ е „креветски точак“, кој на неподвижен човек му овозможува движење на нозете исто како да вози велосипед.

Потоа, Јосков е креатор и на инвалидска количка за искачување по скали.

Исто така креирал и „подигач“, дигалка за неподвижен корисник (квадриплегичар) до инвалидска количка.

 

И посебно е горд што направил електро автомобил за луѓе со посебни потреби, што не е модифицирано возило,а за која вели – можеби е грда на изглед, ама се движи- наменски урбан електромобил.

„И на почетокот кажав дека визуелно, моите иновативни производи не се убави на око, но функционираат и се корисни. Доколку се реализира производството тогаш може и  визуелно да се дотераат.

Во моментот работи на справи за физиотерапија – кои со такви карактеристики ги нема во пракса.

Урбана енергетска и независна аерофилтерска  постројка

Работам и во делот на екологијата. Креирав, урбана енергетска и независна аерофилтерска постројка. Зборувам за еколошка постројка која обезбедува прочистување на воздухот во урбани средини во границите под она што како стандард е дозволено. И што е најважно, таа дел од потребната електрична енергија сама си ја произведува.

Идеја, во соработка со претходната фирма, е аплицирана и пред ФИТР. Но за жал не била прифатена.

„Но, не се откажувам. Велам дека нема да застанам ниту со презентацијата ниту со унапредувањето, затоа што увидов дека таа може да биде со многу различна примена. На пример, да биде поставена на пешачки премин на фреквентна раскрсница, каде и воздухот е најзагаден, потоа на автобуска постојка…. Практично оваа направа може да биде соодветно проектирана на секоја микро -локација. Ако некоја раскрсница е со поголема фреквенција на возила – ќе биде димензионирана спрема тоа движење, ако станува збор за приградски постојки ќе биде димензионирана според фреквенцијата на возила на тие локации. Што значи инвестициски и енергетски ќе биде оптимизирана.

 

 

Кога е во прашање јавниот интерес

Интересот и потребата од производство на ваквите иновативни медицински помагала го наметнува и прашањето колку компанијата на нашиот соговорник и колку ние општо како држава сме подготвени на ваков зафат.

Имајќи го предвид своето искуството на ова поле конкретно во Македонија, Јосков цени дека кај нас има капацитети кои можат да ја поддржат реализацијата на вакви технолошки иновативни производи и по квантитет и по квалитет.

„Меѓутоа мојата фирма е концентрирана на производи од поединечен карактер и во моментот не е во можност да произведува производи од поголем тираж, затоа размислувањата се во правец на активност со кооперанти.

Општествениот висок критериум што го имавме според нештата ми два за право да кажам дека Македонија има висок рејтинг за вакви кадри.

За жал од поранешните општествено прифатени норми, не успеавме да креираме начини на поддршка на развојот од било која гранка од општествениот живот. Некои побогати земји сега го злоупотребуваат тоа и едноставно не купуваат.

Токму во таа насока и јас не можам да најдам начин како да ги реализирам овие производи иако се општествено корисни. Затоа, аплицирам пред фондови кои сами нудат поддршка за развој за иновации со тоа што нема да бидат произведени во Македонија, туку во таа земја која ја нуди поддршката.

На пример, бев убеден дека еколошката постројка ќе успее. Нема инстанца која не е запознаена со функцијата на оваа постројка, но одговор нема. Дури не можев да ги подарам ниту во мојот град, кој е еден од најзагадените.

Проблемот е институционален – поентата не е во пари туку афирмацијата да се подигне на потребно, корисно ниво. Тоа ќе биде значителна помош, не е проблем прототипот. Ќе се патентира таму каде ќе се произведува. Би бил задоволен ако тоа успее во Македонија – доколку пазарот го вреднува како таков.

Тој за себе вели дека голема мотивација во животот му е ставот на Марк Твен, кој на прашањето од што најмногу е разочаран во животот одговорил: „Од работите што не ги пробав, а не од работите што ги згрешив“

Така  водејќи се по ова правило, Јосков признава дека многупати згрешил и во она што му е секојдневна работа- машинско одржување. Но, на прашањето, дали треба да се експериментира?, е сигурен дека ако не требало и Никола Тесла немало да прави експерименти туку директно ќе го произведувал тоа што го замислил. „Сите иноватори правеле експерименти. Сакам да кажам дека нема да престанам да експериментирам со сите мои иновации додека не ги произведам тие работи, кои верувам дека се многу корисни и потребни за луѓето.“

И за крај вели: Имам бизнис што ми овозможува да живеам, тоа е аксиома, а ова другото, идеите, иновациите се теорија. И затоа планирам на сите идеи да им дадам можност, а што ќе успее ќе се покаже .

 

Метал конструктор“

Компанијата за машинско одржување  располага со два погони еден во Кавадарци од 500 м2 и еден во Велес од 1000 м2. И во двата објекта се работи со машински парк, што не губи употребна вредност, но е функционален. Или, како што вели сопственикот немам причина да инвестирам во нешто што не можам да го продадам

„Метал Конструктор“ својот пик го доживеала со 132 ваработени, сега, нашиот соговорник вели: – сега сум различен. Но ако сакам тој пик да го достигнам, ќе немам право да се занимавам со реализација на иновативни работи и затоа сум се лимитирал на околу 22 до 50 вработени, иако има пазар во Македонија. Во спротивно би бил максимално ограничен да ги направам иновациите,…

Јас имам привилегија од 1974 да бидам во допир со машинството и таа работа евалуирала во надградбата. Мојата интенција е да оставам фирма во наследство. Овој начин на бизнис сметам дека е тешко генерациски да се  пренесе. Затоа размислувам да направам исчекор во производство на готови производи за непознат купувач, сметам дека таа фирма има поголеми можности да се наследи иако, раководството не би било инволвирано во производството. Ова што сега го работам е многу различно искуство за разлика од  фирма со сериско производство.


УРБАНА НЕЗАВИСНА АЕРО-ФИЛТЕР СТАНИЦА  „Урбаниот енергетски независен систем за филтри за воздух“ е дизајниран да биде енергетски снабден преку енергетски столб на кој ќе биде поставена една ветерница и соодветен број фотоволтаични панели и преку системот за филтрирање на патронот, одземање на ПМ честичките од воздухот. Со поставување мерачи на влезот и излезот на филтерот го регулира времето на работа на филтерот кога е потребно, односно кога има феномени на загадување на воздухот. Во вториот период ќе се врши складирање на енергија, а може да се изврши пренос на произведената електрична енергија во дистрибутивната мрежа.“

 

 

Денес, универзалниот општествен критериум се изгуби

Мислам дека во Македонија треба да се организира едно министерство за надлежност  – некој што треба да ги делегира надлежностите за нешто.  Порано стандардите на големи фирми беа на ниво на закон. Денес, универзалниот општествен критериум се изгуби. Многу е лесно позитивниот дел од друга земја да се примени овде.

Не сметам дека платата е комплицирана тема. Ако платата во некоја бранша е многу ниска треба да се направи анализа на целото производство. На тој начин може да биде коригиран тој работодавец. Секако дека не може ад хок да се стави клуч на врата, мора да се има предвид и оној социјален и општествен аспект. Но, интервенција треба. И тоа, прво  во буџетот на компанијата, ако до сега не успеале да профитираат зошто би се продолжила со таа активност. Значи треба да утврдиме до каде знаеме и што знаеме, па од таму натаму да бараме помош.

Македонка Балдазарска

 

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.