Светскиот книжевен класик „Сто години самотија“ од колумбискиот писател и нобеловец Габриел Гарсија Маркес деновиве излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Романот „Сто години самотија“, кој е дел од едицијата „Современи класици“, се смета за магнум опус на Маркес, а важи и за едно од највлијателните дела во латиноамериканскиот книжевен канон и во светската книжевност. Од неговото прво објавување во 1967 година во Аргентина, преведен е на 46 светски јазици, а продадени се повеќе од 50 милиони примероци ширум светот.

Оваа епска бајка ја опфаќа стогодишната турбулентна историја на Јужна Америка, од постколонијалните дваесетти години на 19 век до дваесеттите години на 20 век, раскажана преку семејната хроника за седумте генерации од семејството Буендија од селцето Макондо.

Патријархот Хосе Аркадио Буендија го гради утопиското селце Макондо среде мочуриште. На почетокот, ова место е многу просперитетно и ги привлекува Циганите (како што се опишани номадите во романот, кои доаѓаат во Макондо секоја година во месец март) и ситните трговци, меѓу кои е и робустниот Циганин Мелкијадес, најважниот лик што не е дел од лозата на Буендија. Селцето го зафаќа и речиси го урнисува тропска бура што трае пет години, а до петтата генерација на Буендија – нејзината физичка разрушеност се совпаѓа со моралната разрушеност на семејството. Конечно, разорен ураган ги збришува трагите на Макондо.

На крајот на романот се открива дека Мелкијадес е нараторот во приказната, а неговите мистериозни ракописи, всушност, се самиот текст на романот. Во фантастичниот лавиринт во книгата, книжевната критика го препозна влијанието на аргентинскиот писател Хорхе Луис Борхес врз Маркес.
„Сто години самотија“ може да се чита како алтернативна, неофицијална историја, а инвентивното раскажување на приказната ги изнесува во преден план сензуалноста, љубовта, интимноста и различните појави на сиромаштијата.

Габриел Гарсија Маркес е парадигма во литературниот стил магичен реализам, а „Сто години самотија“ е највпечатлив пример за преплетувањето на фантастичното и реалистичното во светската книжевност. Токму тоа го прави овој роман најрепрезентативно книжевно дело во рамките на движењето „латиноамерикански бум“ во шеесеттите и седумдесеттите години на 20 век.

Преводот на македонски јазик е на Ванѓа Чашуле, првпат објавен во 1986 година во книгоиздателството „Мисла“.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.