Над 15 000 вработени во Зоните, постигнати договори за инвестиции од над 240 милиони евра како и договорена најголемата инвестиција досега од основањето на ТИРЗ од 126 милиони евра на германски Гересхајмер, се клучните достигнувања и ефекти од работењето на ТИРЗ во првите шест месеци од 2022 година.

„За првпат во јуни ја поминавме границата од 15.000 вработени во зоните, што е за 1000 нови работни места само од почетокот на годинава. Ова се веќе првите ефекти од инвестициите кои ги постигнавме минатата година, а со кои се предвидува отворање на над 2 700 работни места во следниве години. Успеавме да ја постигнеме и најголемата инвестиција во Зоните досега. Германската фармацевтска компанија Гересхајмер ќе вложи 126 млиони евра. Ова е само прва таква голема инвестиција. Веќе разговараме со двајца нови инвеститори чии поединечни вложувања се над 100 милиони евра. Со ова Македонија влегува на мапата на земји кои имаат капацитет и услови за сериозно големи висококвалитетни инвестиции од кои има директен бенефит за граѓаните и државата,“ изјави Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ при презентација на резултатите од првите шест месеци и идните планови на Дирекцијата.

Во првите шест месеци се постигнати договори за инвестиции во зоните со пет компании во висина од 240 милиони евра, а потенцијално до крајот на годината се очекува затворање на уште два договори во висина од 160 милиони евра. Како што најави директорот на ТИРЗ, во тек се преговори со американско-тајванска компанија за инвестиција од над 250 милиони евра, која ги разгледува Западен Балкан и Кина како опција за инвестирање, а  Македонија во регионот е во конкуренција со Хрватска и Србија.

Анализата на ТИРЗ покажува дека само постигнатите договори во првиот семестар, треба да донесат речиси 3000 нови работни места, да остварат вкупен приход од над 2,2 милијарди долари, а во буџетот да се слеат над 130 милиони евра на основ на придонеси, персонален данок и данок на добивка.

Рекордно полугодие

Инаку, според анализата во зоните е регистрирано и рекордно полугодие во изминатите четири години и во однос извозот и на увозот. Така вкупниот обем на извозот во првите шест месеци достигна  милијарда и 717 милиони евра. Сума што претставува раст од 11,5 отсто во однос на 2021 година, над 87 отсто во однос на 2020 и 25,5 проценти, односно 49 отсто повеќе споредено со истиот период од 2019, односно 2018 година. Рекордна економска активност има и кај увозот во зоните. Во првиот семестар од 2022 вкупното ниво на увоз достигна милијарда и 601 милиони евра што споредено со истиот период во 2021 година е повеќе за 4,3 отсто, додека во однос на 2020 има раст од над 97 проценти. Споредено со 2019 и 2018 година, увозот бележи раст од 23,6 отсто, односно 63 проценти.

Анализата покажува дека во првите шест месеци од годинава покрај значителниот обем на инвестиции и 1000 новотворени работни места, реализирани се и 2,2 милиона евра вкупен извоз, 18 милиони евра приход за државата од персонален данок, 91 милион евра од придонеси и 18 милиони евра од ДДВ.

Помеѓу новините кои дирекцијата ги воведе во овие шест месеци е меѓународна ИСО стандардизација за борба против корупцијата и квалитетот во работата, развој на нова Методологија за државна поддршка за поттикнување на инвестиции која се изготвува со бизнис заедницата и PWC,  #Smartinvest.mk нова програма за поттикнување на инвестиции во соработка со Економист, како и отворање на можности за млади и пракса во ТИРЗ.

Изградба на високотехнолошка развојна зона „Скопје 3“

Директорот најави дека во следниот период ќе се реализираат повеќе иницијативи, меѓу кои пилотирање на активности во рамки на Стратешкиот зелен инвестициски фонд. Во тек е втората фаза од изградбата на првата зелена/здравствена зона на Балканот, со вредност на инвестиција од над 400 милиони евра, пристап до обновливи извори на енергија во ТИРЗ со вредност на инвестиција над 120 милиони евра и изградба на прва високотехнолошка развојна зона „Скопје 3“ со потенцијал за инвестиции од над 850 милиони евра и до 5000 високо платени работни места.

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Деспотовски смета дека политичките случувања во земјава и протестите поради францускиот предлог, нема да се одразат врз одлуките за инвестирање на странските компании.

„Добра работа“

Дирекцијата работи и на развој на нов концепт „Добра работа“, чија цел е поттикнување на раст на добро платени работни места во компаниите во ТИРЗ како и поттикнување на поголема мобилност на трудот во националната економија, креирање на единствен и реален пазар на труд и целосно отворање на пазарот на труд кај компаниите во зоните.

Според анализата, минатата година просекот на платите во зоните првпат го надмина националниот просек.

Меѓутоа, според Деспотовски тие се уште не се на задоволително ниво. Тој очекува и вели дека ќе работат на тоа,платите да растат уште подинамично. „Добро е тоа што во Европа има компании кои се подготвени да платат и 30 проценти повисока плата од просечната, зборуваме за почетна позиција на работно место со средно образование, така што сметам дека имаме можност со паметен пристап и со развој понатаму не само кај постојните компании да поттикнеме дополнителен раст на платите, туку и во зоните да донесеме компании кои реално имаат можност заради дејноста што ја вршат, да плаќаат навистина поголеми износи,“ истакна Деспотовски.

Што се однесува до прашањето дали има доволно работна сила за фабриките во зоните, со оглед на масовното заминување на младите, Деспотовски смета дека засега има.  Тој е уверен дека во некој краток или среден рок се уште ќе може да се одговори на потребите на компаниите.

-Се уште има, иако мислам дека не сме многу далеку од моментот кога ќе се соочиме реално со недостаток. Сега зборуваме за неколку крупни инвестиции што ги планираме до крајот на оваа година, тежината е некаде над 400 милиони евра и кои ќе ангажираат сигурно над 5 000 работни места. Тоа значи дека и со постојните кои се уште имаат работни места што треба да се пополнуваат, реално ќе се направи притисок на пазарот на трудот. Верувам дека имаме се уште резерви, дека има добар дел од младите луѓе кои можеби не целосно ги согледуваат можностите што ги нудат компаниите во зоните, така што ќе се обидеме тие можности да ги донесеме што е можно поблиску до нив,“ рече директорот.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.