Утре започнува „ВиноСкоп 2022“ – фестивал на виното и музиката – По неколку години пауза, фестивалот на кој се слави виното и музиката се враќа на градската сцена. Љубителите на вино ќе имаат можност од утре, четврти до осми мај, на Плоштад Македонија да пробаат дел од широката палета на вина на најдобрите македонски винарии и странски вина претставени од дистрибутери во земјава. Забава со вино и добра музика од познати македонски интерпретатори и бендови.

–Или, како што вели Столе Мицов, модератор на настанот, – се враќа најпозитивниот и за мене  еден од најголемите настани во градот на кој годинава ќе уживаме со  хитовите на Игор Џамбазов, Фолтин, Last Expedition, DNK Unplugged, Фиц Студени Нозе, Суперхикс, Мики Јовановски – Џафер, DJ Goce SAF, Банкрот блуз Бенд, ЗЏМ Биг Бенд и други, кои ги организираше нашиот пријател, продукцијата CRAFT.“

Да го славиме македонското вино

Покрај доброто вино и добрата музика, посетителите ќе можат да уживаат и во најразличните вкусови на нашата традиционална храна, базарот за ракотворби, арт перформансот и многуте други активности.

„Уште во стара Грција луѓето се собирале да го слават виното. Се организирале прослави во чест на богот на виното Бахус (и на Дионис) со многу вино проследени со театарски претстави – комедии. Кога немало вино се изведувале трагедиите по амфитеатрите. Овие прослави го трасирале патот на славата на винската и културата воопшто.

Сведоци сме дека и на нашите простори гравитираат амфитеатри каде се собирале луѓето и го славеле виното и љубовта. Верувам дека ’ВиноСкоп 2022’ ќе биде уште еден од низата настани каде ќе го славиме виното, особено македонското“, рече на денешната прес-конференција по повод започнувањето на фестивалот, Елена Младеновска Јеленковиќ, извршен директор на Здружението на вина на Македонија, како еден од организаторите на фестивалот.

Здружението постои 12 години во земјава и работи на промоција на македонските вина на интернационалните пазари. А, Младеновска Јеленковиќ како претставник на Здружението во оваа прилика нагласи дека македонските вина во минатите години бележат многу голем пораст на квалитетот.

„Сите винарии во Македонија не само што го подобруваат процесот на производство, туку и го усовршуваат и воедно ги едуцираат лозарите за да имаме еден производ што е на високо ниво и што заслужува да се најде на полиците на светските пазари“, потенцира директорката на Здружението.

Здружението вина од Македонија (Wines of Macedonia) го промовира македонското вино и на интернационални пазари. Во средината на април Здружението ги претстави вината на своите членки пред винска публика на еден од најголемите саеми за вино во Европа – Vinitaly 2022 во Верона, Италија. Во средината на мај промоцијата на македонските вина ќе продолжи во „Провајн“ (ProWein), Германија, најголемиот саем на вино.

„Се надеваме дека љубителите на вино ќе бидат присутни овие четири дена на плоштадот Македонија. Верувам дека нема да ја пропуштат можноста да пробаат од врвните македонски вина од нашите членки, а ќе има посебен штанд од малите семејни винарии, како и претставници на дистрибутери на странски вина.

Инаку, ваквите настани се атрактивни и во други земји каде се презентира новата берба, нови произведени вина кои се во портфолиото на винариите и влијае на развојот на туризмот. На настаните како овој се привлекуваат и луѓе од другите градови во земјата. Но идејата е да се привлечат и луѓето од регионот, кои би требало да бидат присутни на настанот особено во текот на викендот,“ забележа директорката на Здружението вина на Македонија.

Настанот е промовиран и во соседните држави и пошироко на Балканот. Поканети се и винарии и новинари.

„ВиноСкоп 2022“ почеток на забавата во наредните месеци

Во рамките на „ВиноСкоп 2022“ ќе се одржи и базар на ракотворби, што му дава тежина на настанот со што се смета за најголем на Балканот од ваков вид.

Затоа прифатете ја поканата на главниот покровител на настанот Град Скопје:

„Со огромна доза наздравуваме за уште едно поглавје на нашата заедничка приказна за виното и музиката. Од 04-08 мај, на нашето омилено место –плоштад Македонија, ќе се дружиме на ВиноСкоп2022! Ова поглавје заедно ќе го исполниме со многу љубов и насмевки, придружени со огромен избор на домашно и странско вино, вкусна храна и најдобра музика“…

– Ќе го славиме виното, музиката, љубовта со повеќе од 25 винарии и повеќе од 20 бендови и музичари, рече Даниел Апостолов, советник за односи со јавност на Град Скопје.

Тој признава: „Особено задоволство е што по неколку години се враќа овој настан што претставува урбана и култна манифестација во градот. Манифестација која со години наназад се организираше и која е само една од низата забавни содржини што Град Скопје ги планира во наредните месеци.“

Апостолов најави уште 10- на настани од калибарот на В„иноСкоп“ во организација на градот кои ќе се одржуваат во наредните неколку месеци.

Меѓу нив се и веќе започнатиот Џес –фестивал (на 30 април) пред Ибнипајко, што е во организација на Здружението на џез музичари. Потоа, Скопскиот градски фестивал што ќе се одржи на 06-07 мај кај Школка во Градскиот парк;

„Вјужан фестивал“ од 29 јуни до трети јули; Клари фест од први до трети јуни; „Десонанс“ – фестивал на современа електронска музика пред крај на месец јуни; „Скопје колинг“ на 16 јули; Фолк фест Скопје од 23-27 јуни и концерт на Влатко Лозанов за што дополнително ќе се одреди датумот и локацијата.

Град Скопје, годинава место за забава, задоволство и уживање на сите вљубеници во музиката за сите граѓани на Македонија. Не пропуштајте забавата започнува од утре со „ВиноСкоп 2022!“.

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.