Во тек вториот повик за грант за унапредување на практичната обука во компаниите.

Утре, 16 март се одржува и првата он-лајн  инфо сесија за  изразување на интерес за користење на грант. Вториот повик  на проектот за унапредување на стручното образование и практичната обука со добивање грант од 150.000 до 600.000 евра е отворен од 7. март до 14 април оваа година.

Во тек вториот повик за грант за унапредување на практичната обука во компаниите

Грантот е наменет за инвестиции во инфраструктура и опремување на стручни училишта, високообразовни институции и приватни и/или невладини понудувачи на образовни услуги во соработка со приватниот сектор, преку Регионалниот фонд за предизвици (Regional Challenge Fund (RCF)).

Проектот се спроведува преку Коморскиот инвестициски форум на шесте земјите од регионот на Западен Балкан, како главен партнер за имплементација, чија членка е Стопанската комора на Северна Македонија.

Средствата се обезбедени од Министерството за економска соработка и развој на Сојузна Република Германија (BMZ) на чија иницијатива е основан Регионалниот фонд за предизвици за спроведување на проектот, а финансиран од Германската банка за развој (KFW).

Програмата за поддршка преку грантови на Регионалниот фонд за предизвици има за цел да го зајакне квалитетот, но и релевантноста на стручното образование и обука со потребите на пазарот на труд, но и да ја зајакне заедничката соработка на компаниите и стручните училишта, високообразовните институции и приватни и/или невладини понудувачи на образовни услуги за полесно вработување на младите и невработените лица.

Активностите ќе се спроведуваат во соработка и заеднички партнерства помеѓу најмалку две компании и едно стручно училиште, високообразовна институција и приватен и/или невладин понудувач на образовни услуги за имплементација на програми за стекнување квалификации преку Договори за соработка (Меморандуми).

За да можат да учествуваат на повикот, проектните партнери мора да се подготвени да учествуваат во заеднички активности за обука со цел квалификување на учениците врз основа на стандарди на квалификации и/или занимања кои соодветствуваат на побарувањата на пазарот на трудот.

Односно, изјави за изразување на интерес можат да поднесат конзорциуми составени од установи за стручно образование и обука и најмалку две претпријатија кои заедно подготвуваат и реализираат програми за дуално образование или кооперативна обука. Конзорциумите треба да бидат предводени од установи кои нудат стручно образование и обука и спроведуваат програми кои водат кон стекнување на национално признати квалификации.

Процесот на аплицирање за поддршка од Регионалниот фонд за предизвици се одвива во две фази. На почетокот конзорциумите поднесуваат формулар за Изјавување на интерес, а потоа тие кои ќе бидат првично одбрани по завршување на првата фаза поднесуваат и целосни предлог проекти со детален план за инвестирање.

Дополнителни информации во однос на процесот на аплицирање и потребните документи може да најдете на следниот линк РЦФ го објавува вториот повик за изразување интерес – (rcf-wb6.org)

Првата он-лајн  инфо сесија ќе се одржи на 16 март 2022 година со почеток во 14 часот, а првиот туторијал е на 30 март 2022 година во 14 часот. За да учествувате на  инфо сесиите и туторијалите ќе мора да се регистрирате на следниов линк: https://rcf-wb6.org/schedule-of-online-activities/.

Регионалниот фонд за предизвици (РЦФ) претставува финансиски инструмент кој има за цел да ја зголеми вработливоста, особено кај младите. Фондот ја поттикнува конкурентноста на претпријатијата во економиите од Западен Балкан преку финансирање на инвестиции во опрема и инфраструктура за избрани кооперативни проекти, и проекти за стручно и дуално образование кои се спроведуваат по пат на партнерства помеѓу установите за стручно образование и обука и претпријатијата. Грантовите се доделуваат преку натпревар на регионално ниво.

РЦФ имаше многу успешен прв Повик за изразување на интерес кој беше отворен во 2021 година, од кој произлегоа  37 најуспешни проекти со предлог за финансирање, и се доделија приближно 15,4 милиони евра на регионот на Западен Балкан 6.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.